Рекордна казна: Дембеле ќе плати 200.000 евра за доцнењето на тренинг

Ернесто Валверде се обиде да го заштити Осман Дембеле по неговото најново доцнење, на неделниот тренинг на екипата, но раководството на Барселона на ригорозен начин покажа дека нема да толерира ваква недисциплина. Французинот ќе мора да плати 200.000 евра, рекордна казна од постоењето на каталонскиот гигант, поради својот непрофесионален однос што трае уште од почетокот на сезонава, а кулминираше со двочасовното доцнење во неделата наутро, кога Дембеле пристигна во тренинг-центарот дури откако останатите играчи завршија со тренингот.

Валверде дури и му даде шанса на Дембеле во првиот тим на синоќешниот натпревар против Тотенхем, францускиот интернационалец постигна и погодок, но тоа не значеше и спас од казната што му беше изречена во текот на денешниот ден.

Дембеле пристигна на „Камп ноу“ како замена за Нејмар во трансфер вреден 115 милиони евра, но поранешниот играч на Борусија Дортмунд не ги оправда очекувањата на каталонскиот гигант. Проблематичниот карактер е главна пречка за Французинот да прерасне во врвен фудбалер, па прашањето е дали оваа огромна финансиска казна ќе биде доволна „шлаканица“, за Дембеле да си ја увиди грешката и многу попрофесионално да се посвети на фудбалот во наредниот период.

Се вчитува...