Ремек-дело на Азар за капитулација на Ливерпул

Ливерпул го претрпе првиот пораз сезонава откако „црвените“ загубија на домашен терен од Челси со 1-2 во третата рунда од англискиот лига-куп. „Црвените“ имаат за што да жалат бидејќи до самиот финиш имаа водство од 1-0, промашија и неколку убави шанси, но беа казнети во завршните десет минути од страна на избраниците на Маурицио Сари.

Првото полувреме донесе убави шанси на двете страни кои голманите Мињоле и Кавалјеро сепак успеаја да ги одбранат. На стартот од вториот дел Стариџ промаши „зицер“ за водство на домаќините, но голгетерот на Ливерпул се поправи нешто подоцна, кога со ножички ја смести топката во мрежа по одбиената топка од Кавалјеро и силниот удар на Наби Кеита.

Сари ги внесе во игра Азар и Канте, гостите добија на сигурност, па во самиот финиш стигнаа и до триумф. Емерсон Палмиери се најде на вистинското место по една одбиена топка и израмни на 1-1, резултат при кој Стариџ ја погоди гредата. Најубавиот момент на натпреварот сепак беше голот на Азар, кој самиот почна една акција на средината од теренот, па по кратко двојно проигрување со Азпиликуета тргна од десната страна, се ослободи од Кеита и од Алберто Морено, за со силен удар да го матира Мињоле.

Ливерпул ќе има можност за одмазда веќе в сабота, кога ќе му гостува на истиот ривал на „Стемфорд бриџ“ во многу позначајниот дуел во рамките од Премиер-лигата.

Арсенал го совлада Брентфорд со 3-1 благодарение на двата гола на Дени Велбек (еден постигна Лаказет), а најубедлив од сите беше Вест хем, кој го декласираше нисколигашот Маклесфилд со 8-0.

Се вчитува...