Реми меѓу Тунис и Исланд, Македонија ќе почека за виза за осминафинале

mec baner

Македонија се надеваше на триумф на Исланд на попладневниот меч против Тунис, што ќе значеше и осигурување на осминафиналниот билет за нашата национална селекција. За жал, тоа не се случи откако единствениот меч што е денеска на програмата во Мец заврши без победник, 22-22. Двете селекции кои влегоа со скор 0-2 во денешниот дуел одиграа под своите можности, и Тунис и Исланд имаа шанса да го добијат мечот, но во така израмнето издание ремито сепак е најреален исход.

Натпреварот стартуваше токму онака како што посакуваа Тунижаните, кои по почетните 3-3 влегоа во серија и набрзина дојдоа и до четири гола предност (4-8). Во овие моменти извонреден беше десниот бек Банур, кој постигна четири од првите пет погодоци на својата селекција. Исланд делуваше дезорганизирано, но зацврстувањето на одбраната и неколкуте одбрани на Густавсон ја вратија самодовербата кај оваа селекција.На четири минути до крајот на полувремето Исланд намали на 10-11, а на одмор се замина со два гола предност за Тунижаните (11-13). Во овој дел од мечот убедливо најдобар поединец беше Банур, кој постигна осум гола од девет обиди.

Советите на селекторот Свеирсон дефинитивно вродија со плод, па Исланд заигра далеку подобро на стартот од вториот дел, кога експресно направи пресврт и со серијата од 6-1 поведе со одлични 17-14. Тунис покажа карактер и не се предаде, стигна до израмнување на 18-18, а имаше и напад за водство, но Гудмундсон го одбрани ударот на Жалуз. Следеа два брзи гола на Сигурдсон и на Магнусон, Исланѓаните на шест минути до крајот имаа водство од 21-19, но потоа следеше наивно исклучување на Смарасон и експресен камбек на Тунис.

Пивотот Арнасон погоди во вистински момент по одвбиена топка за 22-21, но Банур со својот 12. гол донесе ново израмнување на една минута до крајот. И двете селекции ги промашија своите последни напади, па мечот заврши со конечни 22-22.

Со ваквиот исход е јасно дека Македонија денеска нема да може да слави сигурен пласман во осминафиналето. „Црвено-жолтите“ во секој случај се многу близу до вакво остварување, за што им е потребно или да освојат најмалку еден бод во следните три кола, или во случај на три порази, Тунис во меѓусебниот дуел да не ја победи Словенија.

Се вчитува...