Реми во Милано, Наполи го загуби врвот

Наполи по поразот од Рома вечерва ремизираше на гостувањето против Интер (0-0), по што избраниците на тренерот Сари го загубија и првото место на табелата на кое се наоѓаа подолго време. „Наполитанците“ дефинитивно не се во посакуваниот ритам, многу тешко наоѓаа начин да ја пробијат организираната одбрана на Интер, а најубавата шанса ја пропушти Инсиње.

Првото полувреме донесе здодевен фудбал проследен со свирежи од трибините, откако двата тима многу поголемо внимани посветуваа на играта во дефанзива, отколку на загрозување на противничкиот гол. Ситуацијата се промени во вторите 45 минути, откако Шкрињар на самиот почеток од полувремето биеше опасно со глава, но го погоди само дирекот од голот на Реина. Наполи исто така се закани, а најубавата шанса ја пропушти Инсиње, кој излезе очи в очи со Хандановиќ, но се обиде да го лобува домашниот голман и топката заврши над гредата.

По ова реми Наполи сега е второпласиран со еден бод помалку, но и натпревар повеќе во однос на Јувентус (одложениот дуел на „старата дама“, на домашен терен против Аталанта). Интер остана петтопласиран со 52 бода, еден помалку (но и натпревар помалку) од Лацио на четвртата позиција.

Се вчитува...