Храбро реми во Тбилиси и со играч помалку…, Шишковски одбрани бод во 95. минута!

ЕКИПА во Тбилиси, Грузија
Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација, согласно посакувањата, без пораз се враќа од Тбилиси ремизирајќи (1-1) со Грузија во 2. коло од Лигата Ц во УЕФА Лигата на нации. Во натпреварот во кој повеќе од половина час избраниците на Игор Ангеловски беа и со фудбалер помалку на теренот, по исклучувањето на Висар Муслиу, на крајот сосема заслужено дојдовме до бод за заокружен циклус со 4 бода во Групата 2.

По почетното испитување на силите, првата вистинска шанса ја имаа Грузијците во 11. минута. По нафрлањето од десната страна пред голот на Шишковски не се снајде најдобро Квилитаија. Но, веќе во следниот напад пенал за домашните. Алиоски по левата страна стартуваше врз Кваратшкелија, и судијата без размислување покажа на белата точка. Сигурен реализатор во 13. минута за водство на Грузијците од 1-0 беше Окриашвили.

Но, тоа беше се од домашната селекција. Во продолжението Македонија ја презеде контролата на средината од теренот, и во 33. минута следеше израмнувањето на резултатот. Прекрасна асистенција на капитенот Горан Пандев кој по двојно проигрување во празно по десната страна го проигра Стефан Ристовски кој изби сам пред противничкиот гол и извонредно погоди за 1-1.

Второто полувреме почна мирно, без ниту една шанса на двете страни во првите 15 минути. И во 60. минута извонредна соло-акција на Елиф Елмас во шеснаесетникот на Грузија. Шутираше Елмас од 15 метри, се чини домашниот дефанзивец Кочолава играше со рака, но главниот судија не реагираше.

Во 64. минута, шок за македонскиот состав. Висар Муслиу доби директен црвен картон по лизгачки старт врз Канкава на средината од теренот, и покрај тоа што се чини дека и двајцата еднакво се бореа за топката.

Со играч повеќе, Грузијците презедоа комплетна контрола на играта напаѓајќи во бранови. Па, во 71. минута во 100% шанса се најде капитенот Канкава кој од 12 метри шутираше сантиметри покрај десниот дирек од голот на Шишковски. Во 76. минута и нововлезениот Шенгелија со глава се обиде од десеттина метри, но повторно покрај голот.

До крајот, сосема очекувано, максимална концентрација во дефанзивата на македонскиот состав со плус Стефан Спировски на стоперската позиција, по исклучувањето на Муслиу, и тотално блокирани Грузијци кои имаа 100% шанса само во последните секунди преку Шенгелија но Шишковски одлично одбрани за конечни 1-1.

ЛИГА НА НАЦИИ – ЛИГА Ц (2. коло)
ГРУПА 2
ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-1 (1-1)
Национална арена „Динамо“ во Тбилиси. Стрелци: Окриашвили 13′(п) (Г) – Ристовски 33′ (М). Ц. картон: Муслиу 64′(М).
ГРУЗИЈА: Лорија, Какабадзе, Кверквелија, Кочолава, Мали (75′ Шенгелија), Канкава, Квеквешкири, Окриашвили, Давиташвили, Кваратшкелија, Квилитаија (62′ Чакветадзе)
Селектор: Владимир Вајс
МАКЕДОНИЈА: Шишковски, Ристовски, Муслиу, Велковски, Алиоски, Адеми (59′ Николов), Спировски, Елмас, Барди, Трајковски (59′ Несторовски), Пандев (78′ Бејтулаи)
Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...