Ремонт од темел: Четирите суперѕвезди ќе го предводат егзодусот од ПСЖ

ПСЖ потроши над милијарда евра во последните години, без да стигне до посакуваниот трофеј во Лигата на Шампионите, па катарските газди јасно ставија до знаење дека претседателот Ал Келаифи летово ќе мора да направи вистински ремонт во играчкиот кадар. А како што  стојат работите, ПСЖ ќе почне да гради нов тим буквално од темел, со оглед на најавите дека главните играчи од оваа сезона ќе го напуштат клубот.

Килијан Мбапе ќе се пресели во Реал Мадрид на свое инсистирање, откако најдобриот стрелец на тимот веќе ги одби сите понуди за нов договор и летово како слободен играч ќе си замине од „Паркот на принцовите“. Заедно со него ќе се спакуваат и останатите два члена на „пеколното трио“,  Нејмар и Лео Меси, кои добија гласни свирежи при секој допир со топката за време на неделниот меч со Бордо.

Непрофесионалниот живот на Нејмар, себичноста на теренот и склоноста на повреди се важни фактори во одлуката на клубот веќе да почне да го нуди Бразилецот на други тимови кои се заинтересирани за неговите услуги, Барселона и Манчестер Јунајтед во преден план. Што се однесува до Меси, во Европа нема клуб што е заинтересиран да ја покрие платата од 50 милиони евра по сезона што тој моментно ја добива во ПСЖ, но Аргентинецот е подготвен и на намалување на личните барања, само што поскоро да си замине од клубот каде не го ценат доволно.

Квартетот на „ѕвезди“ кои ќе го напуштат „Паркот на принцовите“ го комплетира Серхио Рамос, кој е огромно разочарувања поради честите повреди по трансферот од Реал Мадрид.

Покрај овие четири фудбалери, од Париз ќе си замине и Анхел ди Марија, кому воопшто не му е понуден нов договор, потоа Вајналдум, кој не ја оправда големата плата што ја зема по слободниот трансфер од Ливерпул, како и голманот Кејлор Навас, кој е крајно разочаран од односот на клубот кон него и упорното форсирање на Донарума.

Она што се подготвува во ПСЖ дефинитивно е уривање на дрим-тимот од темел и градење на нова екипа, но останува да се види кои играчи ќе бидат доведени за „светците“ повторно да имаат конкурентен тим за атак на трофејот во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...