Раководството на францускиот прволигаш Рен се реши за тренерска смена во оваа репрезентативна пауза, врачувајќи му отказ на Бруно Женесио откако овој стратег не успеа да го разбуди тимот од сонот во кој падна од самиот старт на сезоната.
Рен забележа само две победи во првите 12 рунди од француското првенство, а откако во минатото коло загуби на домашен терен од „фенерџијата“ Лион беше јасно дека разделбата од Женесио е неизбежна. Во клупското соопштение беше наведено дека разделбата е спогодбена, поради лични причини на тренерот, а останува да се види дали спортскиот директор Флоријан Морис ќе остане на функцијата бидејќи и неговите потези на пазарот минатото лето оставија силна трага врз игледот на тимот и резултатите.
На местото на Женесио е доведен Жулиен Стефан, стратегот што го замени Женесио и кога овој стручњак доби отказ од Рен во март 2021 година. Новиот тренер утре ќе биде претставен на екипата и ќе го одржи првиот тренинг, откако се согласи да потпише договор само до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА