Горан Драгиќ и Лука Дончиќ беа главни фигури при историскиот успех на Словенија на Евробаскет 2017, но општ впечаток е дека „дежела“ сигурно немаше да стигне до златниот медал доколку во своите редови го немаше Ентони Рендолф. Крилниот кошаркар на Реал Мадрид со огромен успех го носеше дресот на оваа селекција, внесувајќи дополнителна сигурност во рекетот, но и давајќи опција плус во играта во напад, во што беше беспрекорен во нокаут фазата од ова ЕП.
Рендолф во интервју за словенечките медиуми обелодени дека кога првпат бил контактиран да заигра за оваа селекција, понудата ја одбил без многу размислување. Сепак, ставот го променил откако се сретнал со капитенот Горан Драгиќ и со уште неколку членови на Словенечката Кошаркарска Федерација.
„Кога ме прашаа дали сакам да играм за Словенија, одговорив негативно. Кога говорите за репрезентација секогаш сонувате да играте за својата земја, сакате тоа да биде нешто специјално. Тие не се откажаа, па во мај во Мадрид дојдоа Рашо Нестерович, капитенот Горан Драгиќ и уште неколку лица. Јасно беше колку ме сакаат, ми кажаа дека им треба играч како мене и дека ако дојдам ќе можеме заедно да се бориме за медал. Зборував со мои блиски луѓе и увидов дека тоа е добра опција и за мене, да напредувам во кариерата. Не е вистина дека земав пари за да играм за Словенија, но факт е дека поради пасошот од ЕУ сега ќе бидам во повластена улога на европскиот кошаркарски пазар“ – истакнува Рендолф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА