Ренова подготвена за уште едно изненадување: Ако падна Алашкерт, зошто не и Хајдук

Фудбалерите на Ренова се подготвени за уште едно изненадување во квалификациите од Лигата на Европа. Во 2. коло денеска „гипсарите“ на теренот на комплексот „Куќа на фудбалот“ во Скопје од 15:30 часот на мегдан со сплитски Хајдук во обидот за продолжување на европското лето.

Ако беше елиминиран ерменски Алашкерт среде Ереван, тогаш зошто да не се елиминира и Хајдук во Скопје, е размислувањето на секој поединец во редовите на Ренова пред денешната пресметка.

„Хајдук е фаворит. Не треба многу зборови да се трошат за нивниот квалитет. За нас е многу важно психолошки да бидеме подготвени. Велам дека подготвени ќе го дочекаме мечот. Ние се подготвивме максимално, но ќе повторам дека најважен ќе биде психолошкиот аспект. Нашиот стил е напаѓачки и затоа очекувам и утре да прикажеме убав офанзивен фудбал, па на крајот нека победи подобриот. Нашата предност е што сме дисциплиниран тим и со добра игра ќе се обидеме да го изненадиме големиот фаворит“ – вели стратегот Бујар Ислами.

Во таборот на Хајдук, пак, ја прифаќаат фаворитската улога верувајќи дека може до победата во Скопје.

„Веќе неколку пати доаѓам во Македонија. Морам да ја поздравам големата гостољубивост на луѓето во Македонија. Навистина тука има многу навивачи на Хајдук и тоа ми е посебно мило. Ние сме фаворити на овој меч, но тоа мора да го покажеме и на теренот. Ги знаеме и добрите и лошите страни на Ренова. Ренова е тим која сака да игра фудбал и да се надигрува. Мора да наметнеме наша игра уште од почетокот и да покажеме на терен дека сме фаворити. Подготвени сме на се“ – истакнува тренерот на сплитските „бели, Хари Вукас.

Се вчитува...