Ренова и Шкупи го отвораат седмото коло во Првата лига: Чаирчани бркаат четврта победа по ред

Ренова беше на чекор да му одземе бод на шампионот Вардар, но сепак не успеа на стадионот во Маџари, а Шкупи е во серија од три последователни победи. Ова е одлична увертира за денешниот прв меч од седмото коло во Првата фудбалска лига на Македонија, кој ќе се одигра денеска на Градскиот стадион во Тетово, со почеток во 15.30 часот.

„Гипсарите“ очекуваат да го искористат домашниот терен и да освојат три бода, но и Шкупи размислува за продолжување на позитивната серија. Напаѓачот Шпенд Асани верува дека тимот од Чаир може до нов успех против Ренова.

„Доаѓаме од серија на тешки натпревари во кои нанижавме три победи по ред. Атмосферата во тимот е одлична и денеска патуваме во Тетово со надеж дека ќе одиграме уште еден квалитетен меч и ќе оствариме позитивен резултат. Ренова е искусен тим, но ние ќе се потрудиме да ги исполниме задачите на нашиот тренер“, вели Шпенд Асани.

Останатите натпревари од 7.коло се на програмата утре, а фокусот секако е на „вечното дерби“ во Битола меѓу Пелистер и Вардар. Шкендија му гостува на новиот прволигаш Скопје, Работнички на „Филип Втори“ ќе го пречека тимот на Академија Пандев, а Силекс ќе биде домаќин на Победа.

Се вчитува...