Репрезентативецот потпиша нов договор со првакот: Радески во Шкендија до 2023 година

Македонскиот фудбалски репрезентативец Марјан Радески ја продолжи верноста кон првакот Шкендија. Тој потпиша нов договор кој ќе го задржи во Тетово до 2023 година. Неговиот претходен договор истекуваше на крајот од идната сезона, но раководството на клубот го награди за одличните игри со понуда за продолжување на соработката. 23-годишниот крилен фудбалер ја прифати подадената рака од клубот и се согласи за нова четиригодишна верност.

Марјан Радески е еден од стандардните првотимци на Шкендија, за три сезони во дресот на овој клуб постигна 26 гола, и освои две куп-титули, како и еден шампионски трофеј. Беше дел од ’златната генерација’ на македонскиот фудбал која учествуваше на Европското првенство за селекции до 21 година, а веќе е член и на А-тимот, каде забележа 14 настапи и постигна еден погодок.

Се вчитува...