Македонската кошаркарска репрезентација следниот месец ќе ги почне квалификациите за Евробаскет 2025, а селекторот Алек Јончевски ќе има неколку промени во играчкиот ростер, се со цел нашиот национален тим конечно да го прекине постот и да се пласира на едно големо натпреварување.
„Црвено-жолтите“ ќе влезат во новиот циклус со нов Американец во ростерот, откако беше финиширана процедурата за добивање македонски пасош на Етан Хап. Станува збор за 27-годишен центар кој ќе треба да биде сериозен адут во борбата под обрачите и ќе го заземе местото на натурализиран играч на Ти-Џеј Шортс, кој нема да биде повикан за февруарските натпревари. Хап е 208 сантиметри висок кошаркар кој настапува во шпанскиот прволигаш Гран Канарија. Американецот со овој тим е дел и од Еврокупот, каде има солидни бројки од 9,7 поени, 5,9 скокови, 2,3 асистенции и 1,7 украдени топки по натпревар.
Уште една позитивна работа за националниот тим е камбекот на Дамјан Стојановски. Капитенот на МЗТ Скопје пред неколку години се повлече од репрезентацијата, но овојпат одговорил позитивно на повиците од селекторот и соиграчите, се со цел да даде свој придонес за Македонија повторно да заигра на еден европски шампионат.
Нашите кошаркари се наоѓаат во група со Естонија, Полска и со Литванија, од каде трите најдобри селекции ќе обезбедат пласман на Евробаскет 2025. Квалификациите ги почнуваме со домашен натпревар против Естонија закажан за 23 февруари, кој може да се покаже и клучен за целиот циклус, а три дена подоцна гостуваме на селекцијата на Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА