Реприза на ланското финале – мадридска битка во ЛШ

Реал Мадрид и Атлетико Мадрид вечерва ќе ги одмерат силите во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите, како реприза на ланското финале во кое „кралевите“ славеа над градскиот ривал и се искачија на врвот на Европа. Тимот на Зинедин Зидан е на само два чекори до историја – да стане првиот тим што две години по ред успеал да триумфира во ЛШ, по формирањето на оваа лига како елитно натпреварување во европскиот фудбал.

Не ми се допаѓа што некој сака да го претстави Реал како фаворит. Шансите се 50-50, многу добро се познаваме, ривалството воопшто се нема променето, интензитетот е огромен. Ќе мораме да одиграме најдобро што можеме за да стигнеме до титулата“ – изјави Зинедин Зидан, кој како играч немаше пораз од Атлетико, а како тренер само еднаш доживеал неуспех во пресметките со овој градски ривал.

За Реал Мадрид ова е седмо полуфинале во низа, но од претходните шест „кралевите“ само два пати успеале да стигнат до гоолемото финале. „Кралскиот клуб“ на последните пет домашни средби во полуфиналињата од ЛШ има скор од четири победи и едно реми, серија што Атлетико ќе се обиде да ја прекине. „Црвено-белите“ имаат скор од десеет победи, шест реми и шест порази на гостувањата од септември 2013 до денеска, при што Атлетико никогаш не загубил со повеќе од еден гол разлика.

Диего Симеоне се соочува со сериозен проблем на позицијата десен бек, каде по Хуанфран и Врсаљко се повреди и Хименез. На спротивната страна, Рафаел Варан се рехабилитираше од својата повреда и би требало да биде стартер, заземајќи го местото во одбраната на Начо, крај капитенот Серхио Рамос.

„Знаеме како ќе биде Реал ќе тргне моќно, како што секогаш тоа го прави на домашен терен. Може да игра со различна тактика, врз основа на одлуката дали би играл Иско, Хамес или Асенсиот во стартниот тим, мораме да бидеме подготвени, да го запреме нивниот налет, но и да го искористиме просторот што домаќините ќе го остават во својата половина“ – истакна тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.

Се вчитува...