Решена ли е титулата во НБА? Дурант го замолкна Кливленд за 3-0!

Голден стејт славеше изминавата ноќ со 118-113 на гостувањето против Кливленд и дојде на чекор од освојување на НБА титулата по водството од 3-0 во финалната серија.

Кливленд во поголемиот дел од мечот имаше предност, се чинеше дека се подобра екипа и го контролираат натпреварот, но потоа во последните три минути не успеаја да постигнат ниту еден поен. Сето тоа на спротивната страна го казни фантастичниот Кевин Дурант постигнувајќи седум поени во последните минути. За Кливленд последните поени ги постигна Џеј Арм Смит за предност на домашните од 113-107 на нешто повеќе од три минути пред крајот. И, од тогаш застанаа.

Во победничката екипа најефикасен беше Кевин Дурант со 31 поени и 8 скока. Го следеа Клеј Томпсон со 30 поени и Стеф Кари со 26 поени и 13 скока. Кај Кливленд, пак, се издвои Леброн Џејмс со 39 поени, дополнети и со 11 скока и 9 асистенции. Го следеа Кајри Ирвинг со 38 поени и Смит со 16 поени.

Вориорси сега водат со 3-0 во серијата. Ниту една екипа во историјата на НБА плеј-офот не успеала да направи пресврт по ваква негатива. Четвртиот меч на распоредот е ноќта од сабота на недела од 3 часот. Домаќин повторно ќе биде Кливленд.

Се вчитува...