Рибери: Со три збора ме убедија да останам повеќе од една деценија во Баерн Минхен

Баерн Минхен ја освои 29.шампионска титула во Бундес-лигата, а Франк Рибери на триумфален начин ја завршува 12-годишната одисеја на „Алијанц арена“. Задоволен од сето она што го постигна, но и полн со емоции поради разделбата, Французинот се потсети како раководството на Баерн го убедило да остане толку долго во Минхен.

„Се што е убаво има крај. Дојдовме до крајот на оваа моја животна авантура, ќе ја паметам засекогаш како најдобриот период од мојот живот. Имаше и повреди, лоши мигови, но генерално сум среќен што уживав во голем клуб како Баерн Минхен, што ме направија победник и знаеја како да ме задржат. Искрено, во периодот кога бев избран за најдобар светски фудбалер, имав понуди од Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Јунајтед, Интер, Милан, но дојдоа Ули Хенес и Карл Хајнц Румениге и со три збора ме убедија да останам. Ми рекоа, Барселона го има Меси, Реал Мадрид го има Роналдо, а ти си нашиот заштитен знак. Баерн Минхен и фановите на овој клуб секогаш ќе останат дел од мене“, изјави Франк Рибери по освојувањето на шампионската титула во неговиот последен меч за баварскиот клуб.

Баерн Минхен ја одбрани шампионската круна со два бода предност во однос на Борусија Дортмунд, а Франк Рибери ја освои деветтата шампионска круна. Тоа беше вкупно 23. трофеј во клубот, со што се израмни со легендарниот голман Оливер Кан.

Се вчитува...