Ријека избра тренер, навивачите не сакаат да го видат

Кратко траеше потрагата по нов тренер на Ријека откако раководството на клубот реши за наследник на Матјаж Кек да го именува Игор Бишчан. Поранешниот хрватски репрезентативец пред две години го внесе Рудеш во првата лига, лани се пресели на клупата на Олимпија и стана шампион на Словенија, но сега е слободен откако доби отказ од овој клуб.

„Имам исклучително високо мислење за Игор и се надевам дека ќе ја има поддршката на сите во клубот како што тоа беше случај и со мене“ – изјави Кек, кој и покрај повлекувањето од тренерската функција ќе остане во Ријека, како личен советник на газдата Мишковиќ.

А токму тоа е проблемот во Ријека во моментов, бидејќи именувањето на Бишчан го навлекува бесот на навивачите, кои не сакаат да го видат овој поранешен фудбалер во својот клуб.

„Никогаш нема да заборавиме, никогаш нема да простиме. Игоре, оди си! Шампиони 98/99“ – напиша навивачката група Армада на своите профили на социјалните мрежи.

Игор Бишчан од 1997 до 2000 година го носеше дресот на Динамо, а во 1999 година ја освои титулата пред Ријека, откако овој тим во последното коло ремизираше со Осијек и му го препушти врвот на табелата на „модрите“ од Загреб.

Се вчитува...