Рикиќ: МЗТ Скопје е синоним за македонската кошарка, верувам дека може да стигнеме до нова двојна круна

Хрватскиот интернационалец, Роберт Рикиќ кој претходната сезона ги бранеше боите на Еуро Никел во новата сезона ќе „царува“ под обрачот на МЗТ Скопје. Поранешниот младински репрезентативец на Хрватска во Аеродром носи искуство во борабата на домашната сцена, но и во АБА2 лигата каде аеродромци повторно ќе се борат за влез во „јадранската елита“.

Хрватот висок 219 сантиметри кој во својата богата кариера има титули во Црна Гора и Босна и Херцеговина, верува дека МЗТ Скопје повторно може да дојде до двојната круна.

„Уште пред да дојдам во Македонија знаев многу работи за МЗТ Скопје Аеродром. Среќен сум што добив шанса да бидам дел од клубот кој е синоним за македонската кошарка во регионот. Се уште сме на почеток од подготвките, полека се комплетираме и мислам дека пред нас е добра сезона. Имаме добар состав со одлични момци, хемијата полека се создава и верувам дека со напорна работа и максимална борба ќе успееме да го оствариме тоа што од нас се бара – да ја задржиме двојната круна во Аеродром. Нема да биде лесно, противниците исклучително се засилија летово, но на нас е да го оставиме срцето на теренот и да им покажеме на навивачите дека заслужуваме да го носиме овој дрес“, вели Рикиќ.

Се вчитува...