Римјаните бесни: Со ВАР-технологијата ќе имаше поинакво финале во ЛШ!

Рома остана покуса за еден гол во полуфиналната пресметка против Ливерпул во Лигата на шампионите и нема да биде дел од големиот финален спектакл во Киев. Таа привилегија ќе ја имаат европскиот првак Реал Мадрид и предизвикувачот Ливерпул.

Но, римјаните се бесни на одлуките на судијата Дамир Скомина и сметаат дека со ВАР-технологијата ќе имаше сосема поинакво финале во елитното европско клупско натпреварување.

„Јасно е дека ВАР – технологијата е потребна во Лигата на шампионите, вакви работи се едноставно недопустливи. Можат сите да погледнат колку бевме оштетени. Џеко не беше во офсајд, а потоа беше срушен во шеснаесетникот и требаше да добиеме пенал. Во 65.минута, имаше очигледно играње со рака, цел свет виде освен судиите на теренот. Потоа и Шик беше срушен во шеснаесетникот. Срамота е на ваков начин да се изгуби полуфинале. Требаше да има црвен картон и Ливерпул да остане со играч помалку во последните триесетина минути. Но, сепак, честитки за Ливерпул, тие се одличен тим. И на крајот, уште еднаш апел до УЕФА да се воведе ВАР – технологијата и во Лигата на шампионите“, изјави претседателот на Рома, Џејмс Палота.

На судиски пропусти се жалеше и Баерн Минхен во двомечот со Реал Мадрид. Можеби со ВАР – технологијата ќе бевме сведоци на сосема поинакво финале, Баерн Минхен – Рома?!

Се вчитува...