Ристовски: Дојде време да се видат вистинските вредности на Вардар

Вардар со денешното гостување против Мешков Брест (18.45 часот) ја отвора новата сезона во Лигата на Шампионите, во значително променет состав во однос на последните неколку години во кои „црвено-црните“ беа редовен учесник на завршните турнири во Келн. Борко Ристовски смета дека Вардар никако не смее да биде отпишан, но и потенцира дека „црвено-црните“ ќе мора да го кренат нивото на игра во однос на подготовителните натпревари.

„Пред нас е почетокот на новата сезона во ЛШ, дојде време да се видат вистинските вредности на Вардар, се досега беше само подготовка за елитното европско натпреварување. Дуелот со Брест Мешков ќе биде тежок, против себе имаме силен ривал, но јас верувам во нас. Убеден сум дека имаме квалитет, но ќе мораме многу, многу да го кренеме нашето ниво на игра, да се сплотиме и да се обидеме да победиме“, вели Ристовски.

Искусниот чувар на мрежата има пофални зборови на противникот и јасно му е дека Вардар ќе мора да игра многу подобро отколку досега ако сака да се надева на позитивен резултат.

„Ние не сме во ситуација да потцениме било кого, свесни сме дека противникот има квалитетни поединци, но веруваме дека со подигањето на нивото ќе можеме да се надигруваме, зошто да не и да славиме на натпреварот против Брест Мешков. Да не звучиме арогантно, но мора многу да работиме. Дека има шанси, има, но пак ќе повторам – најмногу зависи од нас, колку ние ќе го подигнеме нивото и ќе бидеме на висина на задачата во Белорусија“, реален е голманот на „црвено-црните“ и на македонската репрезентација.

Се вчитува...