Ристовски: Луѓето видоа дека Македонија може да победува

Стефан Ристовски ги пропушти септемвриските дуели на националниот тим, но десниот бек на Спортинг во вистински момент се врати во репрезентацијата давајќи значаен придонес во вечерашниот триумф над Словенија.

„После неколку лоши презентации пред нашата публика, слободно можам да кажам дека покажавме квалитет. Одигравме добро, покажавме карактер, со години наназад го повторувам истото – дека имаме одлични индивидуалци, но дека треба да се поклопат многу работи за да го покажеме нашето вистинско лице. Беше убава атмосфера, мило ми е што стадион имаше толку многу луѓе, со играта им се оддолживме. Видоа дека Македонија може да победува и сериозни репрезентации“ – изјави Ристовски веднаш по натпреварот.

Со трите бода на овој меч „црвено-жолтите“ останаа во игра за второто место, кое значи и пласман на ЕП 2020.

„Оваа група е максимално отворена, се уште ништо не се знае. Сепак, дури и доколку ги загубиме шансите за ЕП, ние ќе одиме на победа на преостанатите средби. За мене победа си е победа, тоа е секогаш мотивот кога ќе се излезе на терен. Знаете во каква ситуација ни беше репрезентацијата пред неколку години, а сега се носиме со вакви ривали и ги победуваме. Сега треба малку да одмориме, да се регенерираме и од утре да размислуваме за Полска“ – порача Ристовски.

Тој долго време влече незгодна повреда, но стисна заби и беше од огромна помош во одбранбената линија.

„Искрено, договорено беше да играм само триесет минути бидејќи подолго време сум повреден. Сепак, не сум човек што се предава, играм за националниот тим, пред полни трибини, тоа ми даде сила да стиснам заби и да одиграм речиси цел натпревар“ – истакна одличниот дефанзивец.

Се вчитува...