Ристовски: Младите ќе научат многу од овие натпревари…

Борко Ристовски беше единствениот што ги одигра сите 60 минути на синоќешниот дуел со Грузија, со одлични интервенции внесувајќи сигурност во одбраната. Искусниот чувар на мрежата истакна дека од овој дуел ќе се извлечат многу позитивни работи, пред се за помладите ракометари кои досега премногу ретко добивале шанси во репрезентативниот дрес.

„Можеби некој очекуваше и поубедлива победа, но за нас многу поважно беше младите да добијат значајна минутажа и да покажат што знаат, отколку конечната гол-разлика. Овие натпревари се токму за нив, да добијат искуство и потоа на големите натпреварувања да ни бидат од помош на нас поискусните. Генерално гледано видов многу позитивни работи, ова сепак се контроли на кои се воигруваат различни варијанти, но не се сомневам дека младите ќе научат многу од овие натпревари“ – изјави Борко Ристовски.

Се очекува на денешниот натпревар шанса на голот на Македонија да добие Мартин Томовски, кој вчерашниот прв дуел го проследи од клупата за резерви.

Се вчитува...