Ристовски: Можеби некои уште не се свесни дека се бориме за ЕП, утре може да испишеме историја

ЕКИПА во Варшава,

Владимир Булатовиќ

Стефан Ристовски, и покрај огромната пауза поради повредата, на извонреден начин се врати на мечот со Словенија запишувајќи беспрекорен натпревар на стоперската позиција, која и не е баш вообичаена за него… Членот на Спортинг Лисабон е повеќе од мотивиран и за дуелот со Полјаците потенцирајќи дека секогаш ќе го дава максимумот за македонската репрезентација

„Не знаев како моето тело ќе реагира на мечот со Словенија… Но, ме понесе таа атмосфера во соблекувалната, ме понесе и извонредниот амбиент на нашиот најголем стадион и сите заедно одигравме квалитетен меч со кој го продолживме европскиот сон“ – рече Ристовски на прес-конференцијата во Варшава притоа дополнувајќи:

„Сега пред Полска може да ветам само дека ќе играме за Македонија повторно максимално. Можеби бевме отпишани од сите пред мечот со Словенија, но покажавме дека не се предаваме. Сега играме за историја… Да бидам искрен некои можеби уште не се свесни дека ние всушност се бориме за настап на Европско првенство. Ние утре може да испишеме историја, тука сме без предавање и со огромна желба уште еднаш да покажеме колку вреди ова семејство во соблекувалната, оваа репрезентација, оваа генерација.“

Се вчитува...