Ристовски: Можеме и со „големите“, и во иднина – да направиме нешто големо!

Најдобрите македонски фудбалери ремизираа (1-1) против Италија на гости во Торино, што е можеби и најголемиот резултат што нашата репрезентација го има остварено низ историјата на квалификациски мечви. Бод против четирикратен светски првак досега не сме освоиле, а беше тежок и за „пренесување до Скопје“, со оглед на турбуленциите што ги имаше авионот на македонската експедиција на раноутринското враќање од „чизмата“.

Стефан Ристовски вели дека Македонија со својата игра покажа дека може да се носи и со светска фудбалска велесила како Италија, и тоа може само да радува, како фудбалерите и стручниот штаб, така и македонските љубители на фудбалот.

makedonija tim protiv italija

„Одигравме одличен натпревар и покажавме дека можеме да бидеме рамноправни и со најголемите светски селекции во Европа. Италија е дефинитивно таква селекција, се работи за четирикратен светски првак. Мислам дека оваа генерација е веќе зрела за вакви, па и за подобри резултати. Одлично сме вкомпонирани, добивме и освежување со помладите кои се приклучија и веќе се неизоставен дел од репрезентацијата. Морам да напоменам дека атмосферата во репрезетацијата е одлична, и тоа си носи и позитивни резултати“, истакнува Стефан Ристовски.

Но, потоа се навраќаме на анализа на целиот циклус, и евидентно е дека со сите селекции бевме конкурентни, на моменти и подобри, а сепак, можеме да жалиме зошто бодовното конто не е и поголемо.

„Ако можеме да ремизираме против Италија на гости, сигурно дека сме подготвени и за поголеми дострели во иднина. Овој циклус завршува со следниот меч против Лихтенштајн, на кој очекуваме сигурна победа, но ако погледнеме наназад, ни побегнаа уште неколку бода во последните моменти од натпреварите. Секогаш едн слика носи нашата игра, а сепак – друга, кога ќе ги погледнеме освоените бодови. Во иднина сакаме и тоа да го исправиме, и зошто да не се надеваме на нешто поголемо, кога веќе покажавме дека можеме рамноправно да се носиме и со најсилните селекции“, изјави Стефан Ристовски.

Тој оваа сезона е член на португалскиот клуб Спортинг Лисабон и настапува во Лигата на шампионите. А веќе на следниот натпревар со својот тим ќе се врати во Торино и ќе игра против Јувентус. Но, претходно продолжуваат обврските во националниот тим, и заокружување на квалификациите за последниот натпревар од овој циклус, против Лихтенштајн во Струмица во понеделник.

Се вчитува...