Голманот на Вардар, Борко Ристовски за инстаграм страната „Ракометни икони“ зборуваше за репрезентацијата и настапот на Светското првенство во Египет.
Според искусниот голман репрезентацијата ја немала препознатливата борбеност која не красеше во изминатите 15 години и покажала како не треба да се однесуваш кога го носиш дресот со националните бои.
„Македонија имаше четири, пет ракометари кои за првпат се на големо натпреварување, но едноставно мораше да покажеме повеќе. Работевме навистина многу во последните 15 години за да бидеме достоен противник за сите репрезентации. Можеби не победувавме големи имиња секогаш, но тие влегуваа со респект према нас. Нормално е да загубите натпревар, но важно е на кој начин ќе го направите тоа. Секој може да загуби, но секогаш мора да даде 100 отсто. Ме разочарува тоа што недостасуваше нешто такво. СП треба да биде лекција како не треба да се однесуваш кога го носиш националниот дрес. Ги поддржувам сите ракометари, но не смее да има сентименталност кога треба да се каже вистината“, вели Ристовски.
Тој смета дека репрезентативниот ракомет е во пад и дека уште сега треба да мислиме за следните десет години.
„Репрезентативниот ракомет е во слободен пад. Многу рано влеговме во подмладување. И една Шпанија подмладува, но тоа го прави чекор по чекор. Ќе зборувам за мојата позиција, голманската. Мартин Томовски требаше да биде во репрезентацијата уште пред пет години и да му се даде шанса. Така сега ќе имавме готов голман за следни 15 години. Томовски и Кизиќ треба да бидат нашиот тандем на голот, бидејќи се многу талентирани. Тука е Никола Митревски и сметам дека голманската позиција ни е добро покриена. Уште сега мора да бараме нови бекови, а не кога Талески и Кузмановски ќе наполнат по 29-30 години. Имаме голема дупка меѓу две генерации. Онаа мојата постарата и младата која дојде“, вели Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА