Ристовски: Во турболентната сезона покажавме карактер, горд сум на овие момци

Вардар ги надмина сите проблеми со кои се соочи во пресет на новата сезона и успеа да ја продолжи доминацијата во македонскиот ракомет. „Црвено-црните“ шампионски одговорија кога беше најпотребно и сосема заслужено, со големи пресврти успеаја да ги освојат титулите во шампионатот и Купот на Македонија пред Еурофарм Пелистер.

Еден од најискусните во тимот, Борко Ристовски говореше токму за тоа по завршувањето на натпреварот против Тиквеш.

„Ова беше турбулентна сезона со успеси и падови, но Вардар ја покажа својата големина и ја освоивме двојната круна, иако шансите беа помали. Можам да кажам дека сум горд на овие ракометари бидејќи да станете по таков кикс од втората екипа од Битола, но и со првата екипа тука во Скопје, треба да имате карактер, квалитет и да останете мирни. Мене повеќе ме радува тоа што Вардар почна да создава играчи. Почнаа да се издвојуваат македонските играчи, Филип Талески, Васил Гогов, а од нив може да очекуваме многу во иднина“, вели Ристовски.

Погледите се веќе насочени кон новата сезона во која Вардар ќе влезе со неколку промени па ќе се обиде да се претстави во претпознатливото светло и во Лигата на Шампионите.

„Ќе се обидеме да постигнеме подобар резултат во Лига на шампиони. Оваа сезона имавме мали киксови, но да бидеме реални Вардар има скромен буџет и не може да им се приближи на европските гиганти во моментов“, додава Ристовски.

Се вчитува...