Вардар се најде во групата Л од Лигата на Европа, па во следните три месеци „црвено-црните“ ги очекуваат шест пресметки со квалитетни, но не премногу атрактивни противници.
Зенит дефинитивно е фаворитот број еден во оваа група, тим што сериозно инвестираше во нови фудбалери, но главниот потег го повлече доведувајќи го Роберто Манчини за тренер. Трофејниот стратег веднаш ги постави работите на свое место, па Зенит игра одлично во домашното првенство, каде по првите седум кола има шест победи и едно реми и заслужено се наоѓа на првото место на табелата. Рускиот репрезентативец Кокорин повторно е прва „ѕвезда“ на тимот откако беше игнориран од страна на ланскиот тренер. Тој крај себе го има и Аргентинецот Дриуси, кој пристигна од Ривер и веднаш се наметна за место во првиот тим. Во одбраната ги има Бранислав Ивановиќ и Доминико Кришито, а за организација на нападите задолжен е Паредес, за кого летово платија 25 милиони евра на Рома. Од руските репрезентативци тука се уште и Жирков, Шатов, Смолников и Кузјаев, за уште посилен колектив кој многу тешко прима голови (три примени погодоци на првите седум средби во руското првенство).
Дека Зенит не е непобедлив покажа Утрехт, кој славеше со 1-0 на домашен терен во Холандија во првиот меч од плејофот за влез во Лигата на Европа. Рускиот гигант дури по продолженија од два пати по 15 минути успеа да слави на реваншот и да се пласира во групната фаза.
Розенборг со години наназад важи за најдобар норвешки клуб. Оваа екипа исто како и Вардар беше дел од квалификациите за ЛШ, но ждребот не му беше наклонет па беше елиминиран од Селтик (одигра 0-0 во Глазгов, но потоа загуби 0-1 на домашен терен во Трондхајм). За квалитетите на норвешкиот првак најдобра потврда е фактот дека во квалификациите го елиминираше актуелниот вицешампион Ајакс, и тоа со две победи (0-1 во Амстердам и 3-2 во Трондхајм).
По дваесет одиграни кола во домашното првенство Розенборг се наоѓа на првото место со 41 бод (12 победи, пет реми, три порази), шест повеќе од второпласираниот Сарпсборг.
Главен играч на Розенборг сезонава е поранешниот голгетер на Арсенал, Никлас Бентнер, како и српскиот голгетер Милан Јевтовиќ, кој сезонава веќе има осум погодоци зад своето име, а опасен знае да биде и Нигериецот Адегбенро, кој по влегувањето во игра му даде два гола на Ајакс и го одведе Розенборг во групната фаза.
Реал Сосиедад имаше обезбедено директен пласман во групната фаза откако ја заврши ланската сезона во Примера дивизион на шестата позиција. Баскијскиот клуб игра допадлив фудбал, особено откако го отпушти Дејвид Мојес во ноември 2015 година и на негово место го доведе Сакристан, тренерот кој одлично воспостави авторитет и го извлекува максимумот од своите фудбалери.
Баскијците досега одиграа само еден меч во Примера, но со победата од 2-3 во Виго над Селта покажаа дека продолжуваат со одличните игри од лани. Главен фудбалер на средината од теренот е екс-играчот на Реал Мадрид, Илјараменди, а клубот од Сан Себастијан летово значајно се засили и со Аднан Јанузај, талентираниот крилен офанзивец од Манчестер јунајтед. Мексиканецот Карлос Вела со години наназад е предводник на нападот, иако се најавува дека летово би можел да си замине. Во одбраната клучен играч е Иниго Мартинез, кој беше поврзуван со Барселона, Ливерпул и Арсенал, но како што стојат работите ќе остане во Реал Сосиедад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА