Српскиот бек Момир Рниќ е оптимист дека Металург може да се вмеша во борбата за највисок пласман на македонската ракометна сцена. Новиот бек на Металург пристигна од Пролетер, а во кариерата има настапувано неколку сезони во Бундес-лигата, носејќи го дресот на Гепинген, Мелсунген и на Рајн-Некар Левен. Првите впечатоци од таборот на Металург се максимално позитивни за Србинот, кој очекува тимскиот дух да биде силен адут на екипата на Зоран Кастратовиќ во периодот што следи.
„Многу сум среќен што доаѓам во голем клуб како Металург. Се чувствувам добро, соиграчите одлично ме прифатија и напорно работиме од самиот почеток на овие подготовки. Сигурно дека треба да поставиме пред себе високи цели, моја лична желба е да ја нападнеме титулата и достојно да им парираме на Вардар и на Пелистер. Главна одлика очекувам да биде силниот тимски дух на Металург, бидејќи ова е одлична групна на играчи, желна за борба и докажување“, изјави Рниќ.
Според српскиот „бомбардер“, Металург паралелно со добрите игри на домашната сцена треба да атакува на што подобар резултат и на европската сцена.
„За прв ривал ја добивме Спачва, ние сме големи фаворити на тие средби за да ја минеме првата пречка. Верувам во овој тим на Металург и верувам дека нема да имаме проблеми да влеземе во групната фаза“, вели српскиот интернационалец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА