Комесарот за безбедност и интегритет во Фудбалската федерација на Македонија, Роберт Марковиќ доби мошне одговорна задача од комисијата на УЕФА во второто коло во новиот систем на натпревари во Лига на Европа. Тој е задолжен да се грижи за безбедноста на фудбалерите на израелскиот клуб Макаби од Тел Авив и на данскиот Митлијанд на дуелот кој ќе се одигра во Белград на 2. октомври.
Поради влошената воена ситуацијата на блискиот исток сите израелски клубови кои играат во европските купови, своите натпревари ги организираат на стадионите во европските градови. Во првото коло Макаби како гостин загуби од Брага од Португалија со 2-1, додека Митлијанд и германскиот клуб Хофенхајм одиграа нерешено 1-1.
Роберт Марковиќ се грижеше за безбедноста и во квалификациите за Конференциската лига на уште еден израелски клуб. Тоа беше на натпреварот меѓу Хапоел Бершева и Млада Болеслав од Чешка што се одигра во бугарскиот град Ловеч.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА