Родри со пораз со Сити по 437 дена: Штета, само еден тим играше фудбал…

Родри ги одигра сите 120 минути за Манчестер Сити на реваншот со Реал Мадрид, беше меѓу најдобрите на теренот, но шпанскиот играч за врска и неговите соиграчи останаа разочарани откако во пенал-завршница беа елиминирани од Лигата на Шампионите.

Ова беше прв пораз на Родри на фудбалски меч со Сити по неверојатни 437 дена и 66 одиграни натпревари (и тоа пораз на пенали), ако се знае дека на сите претходни порази на „граѓаните“ во овој период Шпанецот не беше дел од составот на Пеп Гвардиола.

„Да бидам искрен, денеска на теренот видов само еден тим да игра фудбал. Тие цело време се бранеа, знаеја како да го прават тоа. Знаевме колку е силен Реал Мадрид, но мислам дека ние заслуживме да одиме понатаму, ако се земат во предвид шансите и доминацијата. Сепак, тоа е дел од шармот на ова натпреварување, тие знаеја како да одиграат на резултат и можеме само да им честитаме“, изјави Родри.

Се вчитува...