Рокада: Шкендија прво на „Сан Сиро“, потоа на „Телеком Арена“

Шкендија ќе го игра првиот натпревар од квалификациите за ЛЕ против Милан на гостински терен на „Сан Сиро“ на 17 август, а реваншот ќе се игра седум дена подоцна на „Телеком Арена“ во Скопје. Ова е конечната одлука на УЕФА, со која европската куќа на фудбалот ги разреши сите дилеми откако денеска и Шкендија и Вардар беа извлечени како домаќини на првите средби, па беше јасно дека ќе мора да се направи некоја рокада бидејќи „Телеком Арена“ во Скопје е единстениот стадион што ги задоволува стандардите за оваа фаза од европските натпреварувања.

На крајот, беше решено тетовски „црвено-црни“ својата европска авантура да ја продолжат на „Сан Сиро“, фудбалскиот храм во Милано што најверојатно ќе биде исполнет до последно место за оваа средба откако имаше 75.000 фанови за претходниот меч со Крајова.

Без оглед на исходот на таа средба, се очекува навивачите да ја наполнат „Телеком Арена“ до последно место за реваншот во Скопје, за да го бодрат македонскиот вицепрвак, но и да ги видат на дело новите ѕвезди на Милан.

Што се однесува до Вардар, тука нема никакви промени, па шампионот првиот меч со Фенербахче ќе го игра во Скопје на 17 август, а реваншот е закажан за седум дена подоцна во Истанбул.

Се вчитува...