Рома го задржа тренерот Ди Франческо, следи трансфер на Пасторе

Раководството на Рома е најактивно од сите италијански клубови на почетокот од овој преоден рок. По неколкуте договорени трансфери, „волчицата“ вечерва обелодени дека постигнала договор за продолжување на соработката со тренерот Еузебио ди Франческо. Овој стратег пристигна во Рим минатото лето од редовите на Сасуоло и ги оправда очекувањата, стигнувајќи до полуфиналето на ЛШ, воедно и обезбедувајќи учество во елитното европско натпреварување за следната сезона.

Новиот договор е со важност до 2020 година, а директорот Мончи по овој потпис вниманието го насочува кон нови засилувања за играчкиот кадар. На врвот на неговата листа со желби сега се наоѓа Хавиер Пасторе, поранешниот ас на Палермо кој е заинтересиран за враќање назад во Италија. Тој имаше очајна минутажа во ПСЖ и сигурно е дека ќе си замине од францускиот првак, а иако се шпекулираше со преселба во Вест хем последните информации велат дека Аргентинецот се наоѓа на чекор до Рома.

Фудбалерот веќе ги договорил личните услови, за плата од четири милиони евра по сезона, а во тек се преговорите меѓу клубовите по почетната понуда на „волчицата“ од 15 милиони евра.

Се вчитува...