Рома избра: Сари ќе биде нов тренер на „волчицата“

Маурицио Сари ќе биде предводникот на Рома од почетокот на наредната сезона, откако биле договорени сите услови за соработка меѓу челниците на „римската волчица“ и поранешниот стратег на Јувентус, Челси и Наполи. Весникот „Кориере дело спорт“ информира дека додека фудбалерите на Рома го играле вчерашниот дуел со Калјари (пораз од 3-2), раководството на клубот седнало на маса со Фали Рамадани, агентот на Сари со кого биле договорени деталите од соработката.

Рома има разочарувачка сезона во Италија, моментно се наоѓа на седмото место на табелата, а тренерот Фонсека не ја оправда довербата. Тимот стигна до полуфиналето од Лигата на Европа, но дури и доколку успее да го освои ова натпреварување (во полуфиналето игра со Манчестер Јунајтед) Фонсека на крајот од сезонава ќе си замине од „Олимпико“.

„Волчицата“ долго време преговараше со Масимилијано Алегри, но трофејниот стручњак почна повторно да флертува со Јувентус, јасно ставајќи до знаење дека проектот на Рома не е доволно атрактивен за него. Во една таква ситуација, вниманието беше целосно насочено кон Сари, кој ја прифатил понудата за тригодишен договор и во текот на летово ќе се пресели во Рим.

Се вчитува...