Рома победи за утеха, ама Ливерпул е во финалето на Лигата на шампионите!

Англискиот премиерлигаш Ливерпул е вториот патник во финалето на Лигата на шампионите. Во Киев, „црвените“ на Јирген Клоп ќе го предизвикаат актуелниот европски првак Реал Мадрид, откако одолеаја на нападите на Рома на „Олимпико“, иако на крајот загубија со 4-2. Од „Енфилд роуд“ донесоа убедлива предност (5-2) која беше доволна за пласман во финалето.

Садио Мане брзо ги олади фановите на Рома со погодок во деветтата минута, а шест минути подоцна Џејмс Милнер си постигна несреќен автогол за израмнување. Сепак, Вајналдум повторно донесе предност за Ливерпул во 26.минута.

Рома беше подобра во вториот дел, но не успеа да ја надомести огромната негатива, туку само да победи за утеха. Един Џеко во 52.минута израмни на 2-2, а Раџа Наинголан во 86.минута постигна погодок за водство од 3-2. Во самата завршница, во третата минута од судиското продолжение, Наинголан реализираше пенал за конечни 4-2, но и тоа е пирова победа на „волчицата“.

Ливерпул оди во финалето и ќе ги одмери силите со Реал Мадрид, на 26 мај во Киев!

Се вчитува...