Рома се откажа, Кеси оди во Милан

Милан излезе како победник од трката по Франк Кеси, откако раководството на Рома реши да престане со наддавањето со „росонерите“ за доведување на талентираниот фудбалер на Аталанта. „Волчицата“ долго време важеше за голем фаворит во оваа трка, но новите газди на Милан дадоа зелено светло за трансферот што поскоро да биде комплетиран, успевајќи да го договорат Кеси.

Двата тима понудија по 28 милиони евра за услугите на талентираниот играч за врска, двете понуди беа прифатени од страна на тимот од Бергамо, по што почна наддавањето при договорањето на личните услови. Рома од 1,7 ја зголеми понудата на два милиони евра по сезона во следните пет години, но откако Милан понуди 2,5 милиони „волчицата“ се откажа од преговорите, препуштајќи 20-годишниот фудбалер од Брегот на Слоновата Коска да се пресели во Милано.

Според италијанските медиуми, трансферот во Рома бил стопиран од страна на новиот директор Мончи, кој се сомнева дека Кеси вреди толкаво богатство. Шпанецот веќе почнал потрага по нови засилувања за средниот ред на „волчицата“, меѓу кои се наоѓа и Јакуб Јанкто од Удинезе.

Се вчитува...