„Романтичарите“ ја совладаа Академија Пандев за прво место на табелата

Работнички ја оствари третата последователна победа во шампионатот, совладувајќи го тимот на Академија Пандев со 1-0. Тимот на Ѓоре Јовановски сега има девет бода и се искачи на првото место на табелата во Првата фудбалска лига.

На арената „Филип Втори“, под рефлектори, двете екипи имаа одлични услови за игра. Работнички поведе во 13.минута од пенал, со голот на капитенот Остоја Стјепановиќ. Најстрогата казна ја изнуди Игор Недељковиќ кој беше соборен во противничкиот шеснаесетник од голманот Душан Чубраковиќ.

До крајот на првиот дел, „пандевци“ имаа две колосални шанси за израмнување, и двете ги имаше младиот Марио Крстовски, во 27. и во 43.минута.

Истиот фудбалер промаши убава можност и во второто полувреме, а во 68.минута не се снајде најдобро и Љупчо Дориев, по грешката на Деан Митрев. На крајот, трите бода му припаднаа на Работнички, со што се искачи и на првата позиција на прволигашката табела.

Се вчитува...