„Романтичарите“ сакаат победнички старт, „гипсарите“ со Јетон Беќири вртат нова страница

Работнички и Ренова со меѓусебниот дуел денеска од 17 часот на арената „Филип Втори“ го почнуваат својот пат во новата прволигашка сезона.

И „романтичарите“ и „гипсарите“ со видно изменети тимови и отворени амбиции за битка за првите позиции во елитниот домашен шампионат.

„Секогаш е тешко на стартот, а дополнителни тешкотии за фудбалерите на двете екипи ќе направат и временските услови. Подготвени сме и верувам дека тимот ќе одговори на задачата. Ренова е квалитетен тим, тие секогаш сакаат да се надигруваат и ние ќе го прифатиме предизвикот. Играме на домашен терен и се надеваме на успех“ – вели шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски.

Ренова, пак, предводена од Јетон Беќири ќе се обиде да донесе некоја нова свежина на прволигашка сцена. Тимот од Џепчиште посакува со позитивен резултат од денешното гостување во Скопје да покаже дека има тим кој во новата сезона ќе треба да се почитува од секој противник.

Главен судија на натпреварот ќе биде Марјан Гоцевски, а ќе му помагаат Ѓорѓи Станковски и Кире Ангеловски. Четврти судија ќе биде Васко Мавров (сите од Струмица). За делегат на натпреварот е одреден Кочо Зердески (Кичево), а контролор на судењето ќе биде Илир Сеља (Струга).

ПМФЛ – 1. КОЛО (денеска, 17 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – ВАРДАР

Скопје: РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА

УТРЕ (17 ч.)

Битола: ПОБЕДА – БЕЛАСИЦА

Турново: АК. ПАНДЕВ – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – ШКУПИ

Се вчитува...