Роналдо бара куќа во Лондон, сака назад на „Олд трафорд“

Незадоволството на Кристијано Роналдо од статусот во Реал Мадрид и неподготвеноста на „кралевите“ да му понудат нов договор придонесува португалскиот ас многу сериозно да ја разгледа можноста за заминување од „Сантиајго Бернабеу“ на крајот од сезонава. Неговиот агент Жорге Мендеш веќе побара од Флорентино Перез да одреди сума што заинтересираните клубови ќе треба да ја платат, а и самиот Роналдо почнува да врши притисок за да му биде овозможено да ги смени клупските бои.

Како што јавуваат британските медиуми, Манчестер јунајтед е клубот во кој португалската суперѕвезда сака да се врати и повторно да атакува на трофеј во Премиер-лигата. Кристијано остави силен печат врз тимот на Алекс Фергусон, а сега е подготвен дури и да ги „закопа секирите“ со Жозе Мурињо, со кого беше во војна во Реал Мадрид, само за да се врати назад на „Олд трафорд“. Отштета од околу 120 милиони евра не би требало да претставува проблем за „ѓаволите“, а работата е отидена дотаму што Португалецот веќе барал и училиште за својот син во Лондон.

Дури и доколку потпише за Манчестер негова желба е да остане да живее во Лондон, каде највозрасниот син би одел во училиште во британската престолнина. Весникот „Мирор“ тврди дека потрагата по нова куќа за Кристијано е веќе стартувана бидејќи тој не сака да живее под кирија со целото свое семејство. Јасно е, како што ќе минува времето така и оваа сага ќе продолжи, па интересно ќе биде да се види дали на крајот тој навистина ќе се врати на „Олд трафорд“, или уште еднаш ќе го убеди Флорентино Перез да му даде нов договор, на нивото на оној што го потпиша Лео Меси со Барселона.

Се вчитува...