Роналдо бара куќа во Торино, мега-трансферот е се поблиску

Мега-трансферот на Кристијано Роналдо од Реал Мадрид во Јувентус не е новинарска измислица, туку би можел да се реализира во наредните петнаесетина дена. Португалецот прерано го заврши настапот на СП и веднаш замина на одмор, но очекува во меѓувреме двата клуба да ги договорат деталите од овој трансфер, за Роналдо во текот на овој месец и официјално да го стави својот потпис на договорот со најтрофејниот италијански клуб.

Мадридските медиуми тврдат дека односот меѓу Роналдо и Флорентино Перез е непоправлив, па и првиот човек на Реал кренал раце од обидите да го задржи Португалецот на „Сантијаго Бернабеу“. Информациите одат дотаму што Роналдо веќе почнал и со потрагата по ексклузивна куќа во Торино, каде што би живеел во наредните години додека го носи дресот на „старата дама“. Неговиот агент Жорге Мендеш во следните неколку дена ќе отпатува за Торино на финални преговори со Јувентус, на кој се очекува да бидат договорени сите детали околу личните услови.

Потоа ќе остане потешкиот дел од работата, двата клуба да се договорат околу висината на отштетата, Јуве има подготвено 100 милиони евра, а на Флорентино Перез е да реши дали да прифати и експресно да стави крај на сапуницата, или да се пазари за уште десетина милиони што би можел да ги добие низ долги преговори со италијанскиот првак.

Се вчитува...