Роналдо брка нови четири рекорди во Лигата на шампионите

Кристијано Роналдо на вечерашниот натпревар со Реал Мадрид против Јувентус, има шанса да оствари уште неколку рекорди во Лигата на шампионите.

Доколку Реал Мадрид триумфира на денешниот дуел, за Роналдо тоа ќе биде 99. победа во Лигата на шампионите со што би се издвоил на врвот на листата на играчи со најмногу победи во елитното натпреварување. Моментно тоа место го дели со поранешниот соиграч, Икер Касиљас, со кој имаат по 98. триумфи во ЛШ.

Португалецот во првиот дуел со Јувентус постигна два гола, а ако во реваншот постигне хет-трик, ќе стане играч со најмногу хет-трикови во историјата на ЛШ. Сега тој го дели првото место со Меси, со кого имаат по седум вакви постигнувања.

Иако Јувентус не е тим кој прима многу голови, сепак, Роналдо има желба до крајот на кариерата на еден натпревар од ЛШ да постигне пет гола. Најмногу досега има постигнато во Малме во 2015 година кога четири пати се запиша во листата на стрелците. Во оваа статистика, ѕвездата на Реал Мадрид е зад Меси и Адриано кои имаат постигнато по пет гола на еден натпревар. Адриано тоа го оствари во дуелот на Шахтјор со Бате Борисов (7-0), а Меси во триумфот на Барселона против Баер Леверкузен (7-1).

Роналдо може да се приближи до уште еден рекорд доколку Реал Мадрид го исфрли Јувентус што е многу реално по триумфот од 3-0 во првиот меч. Роналдо досега има одиграно 149 натпревари во ЛШ и моментно е трет на листата на играчи со најмногу настапи во ова натпреварување. Доколку заигра во полуфиналето, тогаш од второто место ќе го симне Чави (151). До крајот на кариерата, тој реално може да го престигне и Икер Касилјас, кој е на првото место со 167 натпревари во ЛШ.

Се вчитува...