Роналдо до навивачите: Верувајте во нас, можеме да победиме со 3-0

Јувентус ќе мора да победи со три гола разлика против Атлетико Мадрид за да се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Предизвикот е огромен, „старата дама“ против себе ќе го има најдобриот дефанзивен тим во Европа, но Кристијано Роналдо е оптимист дека неговиот тим ќе успее во оваа „невозможна мисија“. Впрочем, Роналдо во кариерата има одиграно бројни фантастични натпревари против Атлетико, па Португалецот со право побара од навивачите да не губат верба, туку да му дадат поддршка на неговиот тим во обидот за пресврт.

„Нашиот тим има фантастична сезона, на врвот на табелата сме со убедлива предност, го освоивме Супер-купот на Италија, скудетото е речиси осигурано и секако пред нас е Лигата на шампионите. Знаеме дека мораме да победиме убедливо, но јас верувам во чудо. Мислам дека сме доволно добри, полни со самодоверба дека утрешната ноќ ќе биде специјална, дека ќе одиграме меч за паметење. Затоа, сакам да им порачам на навивачите да размислуваат позитивно, да веруваат. Победа од 3-0 е изводлива, но потребна ќе ни биде и нивната помош од трибините. Бидете подготвени за големиот камбек“ – порача Роналдо.

Португалецот има право да биде оптимист ако се земе во предвид и неговиот личен скор против Атлетико Мадрид, тој има постигнато вкупно 22 погодоци против утрешниот ривал, од кои во три наврати постигнал хет-трик.

Се вчитува...