Роналдо и Јуве – нема казна, а извинување…

Среќна околност за Јувентус и конфликтот меѓу Маурицио Сари и Кристијано Роналдо е што веднаш по дербито со Милан следеше репрезентативна пауза, па Португалецот замина за татковината. Тој не го криеше незадоволството што беше заменет на дербито со Милан, а дел од медиумите открија и дека Португалецот при напуштањето на теренот упатил пцовки кон шефот на стручниот штаб.

Сари ги собра комплиментите бидејќи покажа храброст два меча по ред да ја замени индиспонираната „ѕвезда“, уште повеќе што тимот постигна победнички голови по напуштањето на теренот од страна на Роналдо. Сега на ред е управата на Јуве, да покаже дека клубот е поголем од било кој поединец и да го санкционира Португалецот. Ањели и Паратичи најверојатно ќе паднат на овој испит, бидејќи извори блиски до највисокото раководство на „старата дама“ тврдат дека Кристијано нема да биде санкциониран за непрофесионалното однесување.

Останува да се види дали Португалецот барем ќе се извини на Сари и соиграчите, за односот кој беше под секакво ниво. Колку и да е тој суперѕвезда, во Јувентус настапуваат бројни играчи од високо реноме кои веќе испратиле порака до управата – клупскиот правилник мора да важи исто за сите. Тие инсистираат Роналдо да се извини пред целата екипа и стручниот штаб, а дали желбата ќе им се исполни – ќе дознаеме следната седмица, кога Португалецот ќе се врати назад во Торино по извршувањето на репрезентативните обврски.

Се вчитува...