Роналдо и Јуве – неуспешен експеримент: Куферите се спакувани, што е следно….

Кристијано Роналдо во моментите на апсолутна доминација на Реал Мадрид во Лигата на Шампионите донесе шокантна одлука – да си замине од таборот на „кралевите“ и да се пресели во Јувентус. За Португалецот ова беше нов предизвик во уште една од Топ 5 лигите во Европа, гаранција за уште некој освоен трофеј со оглед на доминацијата на Јуве на италијанската фудбалска сцена, но уште при мегатрансферот вреден 100 милиони евра беше јасно дека заедничка желба на сите е Роналдо и Јувентус заедно да се искачат на врвот на фудбалска Европа.

Три години подоцна, слободно може да се каже дека целта не ги оправда средствата, а инвестицијата беше огромна бидејќи покрај 100-те милиони евра отштета Роналдо во овој период заработи и 90 милиони евра на име плата, плус премии за освоените скудета и за бројот на постигнати погодоци. Сепак, изостана она најважното – Јуве без Кристијано во претходните години стигнуваше до две две финалиња (загуби од Барселона и од Реал Мадрид), а сега беше елиминиран од ЛШ од ривали како Лион и Порто. Згора на тоа, токму Роналдо е главниот виновник за елиминацијата од Порто, со почетничкиот потег и свртениот грб при слободниот удар со кој Португалците се пласираа во четвртфиналето.

Добро познато е дека Кристијано лесно се лути кога е критикуван и по автоматизам бара заштита од клубот (што му беше еден од конфликтите и со Флорентино Перез), но во Јувентус не делуваат заинтересирано да го бранат големиот ас во јавноста, уште повеќе отворајќи ја вратата за негово заминување.

Математиката на „старата дама“ е јасна, Роналдо има уште една година од договорот, па на Ањели му е јасно дека ова е последна можност да заработи околу 50 милиони евра од продажбата на Португалецот и да си врати половина од платената отштета на Реал Мадрид. Воедно, Јуве ќе се ослободи од платата од 30 милиони евра кон Португалецот и ќе се насочи кон фудбалери со далеку помали плати, како продолжение на процесот на подмладување и „чистење на ветераните“ што почна минатото лето со заминувањата на Игуаин и Матуиди.

Самиот Роналдо како опција го има ПСЖ, особено доколку „светците“ не успеат да го доведат Лео Меси, кој според последните информации е многу поблиску до останување во Барселона. Како опција се споменува и преселба во МЛС, каде неколку клубови би ги задоволиле финансиските апетити на Кристијано, но тешко дека некој од нив згора на тоа ќе плати и 50 милиони евра на Јувентус за овој трансфер.

Едно е сигурно, разделбата меѓу Роналдо и „старата дама“ е се поблиску, а последната сезона ќе биде вистинско фијаско бидејќи покрај прераната елиминација од ЛШ гигантот од Торино ќе остане и без скудетото што го освојуваше девет години во низа.

Се вчитува...