Роналдо или Меси – за Мбапе нема дилема

Килијан Мбапе одби јавно да говори за интересот на Реал Мадрид за неговите услуги, но францускиот ас призна дека негов најголем фудбалски идол во детството му бил актуелниот тренер на „кралскиот клуб“, Зинедин Зидан.

„Кога си Французин, нормално е да растеш со Зидан како фудбалски идол. Јас не бев исклучок од тоа правило. Исто така, ми се допаѓаа и Бразилците и начинот на кој играат фудбал, од Пеле, преку Роналдињо, Роналдо, Кака…“, откри Мбапе.

Тој се вклучи и во „вечната дискусија“ околу тоа кој фудбалер повеќе му се допаѓа, Кристијано Роналдо или Лионел Меси. А за Мбапе нема дилема на оваа тема.

„Кристијано исто така ми е еден од идолите, среќен сум што имав можност да играм натпревари против него и на клупски и на репрезентативен план. Сето она што тој го има освоено, и тоа со различни клубови, ми е инспирација. Не можам да сум како Меси, да останам цела сезона во еден клуб бидејќи веќе си заминав од Монако. Без да го навредам Лео, моја инспирација е кариерата на Кристијано“, обелодени Килијан Мбапе.

Се вчитува...