Роналдо: Каде и да одам, ќе го носам со себе Реал Мадрид во срцето

Кристијано Роналдо денеска и официјално стави крај на деветгодишната авантура во Реал Мадрид, клуб во кој португалскиот ас освои се што можеше да се освои, на тимски и на индивидуален план. Јувентус е новата дестинација на Кристијано, кој денеска по официјализацијата на трансферот преку емотивно писмо се прости од Реал Мадрид и од фановите на најтрофејниот европски клуб.

„Годините минати во Реал Мадрид најверојатно се најсреќниот период во мојот живот, можам само да изразам благодарност на овој гад, на овој клуб. Исто така, благодарност до навивачите за сета љубов што ми ја даваа во овие години. Сепак, верувам дека е дојдено време за ново поглавје во мојот живот и затоа побарав од клубот да го прифати моето барање за трансфер. Така се чувствувам и ги молам сите, особено навивачите, да ме разберат“ – порача Роналдо.

Иако долго време се говори за недоразбирања меѓу Португалецот и претседателот Флорентино Перез, Роналдо јавно му се заблагодари на првиот човек на клубот.

„Реал Мадрид го освои моето срце и срцето на моето семејство, затоа сакам на сите ви упатам едно големо благодарам… на клубот, на претседателот, директорите, колегите, тренерите, лекарите, физиотерапевтите и на сите останати фантастични лица од клубот кои се грижат се да биде на свое место и Реал да функционира беспрекорно. Огромно благоддарам и кон сите во шпанскиот фудбал, во овие девет години имав извонредни ривали, имам огромна почит кон сите нив“ – истакна големата ѕвезда на светскиот фудбал.

Најемотивниот дел од пораката Роналдо го остави за самиот крај.

„Многу размислував и знам дека е дојдено времето за нов циклус. Си одам, но овој дрес, грб и стадион ќе го носам секаде со себе, каде и да одам. Благодарност до сите и како што реков пред девет години кога првпат дојдов овде – Напред Мадрид“ – порача за крај Кристијано Роналдо.

Се вчитува...