Роналдо: Кариерата би можел да ја завршам и следната година

Никој не знае кога Кристијано Роналдо ќе замине во пензија. Честопати му се восхитуваат на неговите исклучителни физички карактеристики, и не ретко се слуша дека неговото тело се однесува како да е десет години помладо.

Ѕвездата на Јувентус зборувајќи за својата иднина навести дека може да се пензионира уште во следната сезона, но исто така не го исклучи и фактот дека може да игра до своите четириесетти години. Роналдо, кој сега има 34 години, продолжи да игра на највисоко ниво минатата сезона, откако освои се што може да се освои во Реал Мадрид. Брилијантниот Португалец постигна 28 гола на 43 настапи за „Старата дама” во сите натпреварувања и го водеше клубот до титулата шампион на Италија. Петкратниот добитник на Златната топка не е сигурен колку долго би можел да  игра фудбал.

„Не размислувам за тоа. Можеби ќе ја прекинам кариерата следната сезона, и можеби ќе играм и до мојата 40 или 41 година“, изјави Роналдо за ТВ1, дополнувајќи:

„Не знам. Она што можам да кажам е дека сè уште уживам во фудбалот и би сакал  да продолжам со истото темпо“.

Договорот на Роналдо со Јувентус трае до 2022 година, а освен бројните трофеи освоени со Манчестер Јунајтед и Реал, Роналдо сака да биде најдобар и во поединечна категорија. Натпреварувањето со другите играчи по основ на соборување на рекорди е нешто што го тера да се подобри секоја година.

„Дали има фудбалери кои имаат повеќе рекорди од мене? Не сум сигурен“, додаде тој.

Јувентус ја отвора новата сезона во Серија А со гостувањето во Парма каде ќе бидат без тренерот Маурицио Сари, кој е сериозно болен.

Се вчитува...