Роналдо: Се најдобро за Меси, никогаш не сум го гледал како ривал

Кристијано Роналдо беше во главна улога на синоќешното дерби меѓу Барселона и Јувентус, на кое Португалецот со два гола од пенал донесе побед од 0-3. Овој дуел беше најавуван како прв меѓу Роналдо и Меси по заминувањето на екс-фудбалерот на Реал Мадрид од Шпанија, но Роналдо одби да влезе во споредби со играчот со кого ја одбележа последната деценија од светскиот фудбал.

Со победата на „Камп Ноу“ тимот на Јувентус ја прескокна Барселона и го освои првото место во групата, обезбедувајќи си нешто полесен ривал во осминафиналето.

„Јас и тој поделивме многу награди овие петнаесетина години, но секогаш сум имал срдечен однос со Меси. Никогаш не сум го гледал како ривал, тој секогаш даваше се за неговиот тим да победува како што јас правев за мојот. Наспроти мислењето во јавноста, нашиот однос секогаш бил добар. Уверен сум дека и тој ќе ви го каже истото доколку го прашате. Од друга страна, свесни сме дека во фудбалот луѓето секогаш бараат големи ривалства за да се создадат уште поголеми возбудувања“, истакна Роналдо.

Воедно, тој се осврна и на резултатската криза што ја тресе Барселона од стартот на оваа натпревраувачка сезона.

„Меси е ист како и секогаш, но ова е тежок период за Барселона. Сепак, Барса секогаш е Барса, има исклучително силен тим и сигурен сум дека ќе се извлече од оваа непосакувана ситуација. Секому може да му се случи да влезе во лоша серија“, вели Кристијано Роналдо.

Се вчитува...