Роналдо се налути, но Сари го повлече вистинскиот потег

Јувентус стигна до огромна победа на гостувањето против Локомотив Москва, но мечот во Русија ќе биде запаметен и по првиот конфликт меѓу тренерот Маурицио Сари и првата ѕвезда на тимот, Кристијано Роналдо.

Португалецот одигра слаб меч, а немаше ниту среќа откако на самиот почеток по неговиот слободен удар и грешката на голманот, Рамзи од самата гол-линија ја внесе топката во мрежата. Со тој гол Роналдо можеше да го прекине долгиот пост без гол од слободен удар во клупскиот фудбал, згора на тоа и да постигне погодок против 34 различни екипи во Европа, а целокупниот развој на настаните се одрази Кристијано да биде под поскауваното ниво во натамошниот дел од мечот.

Јуве бркаше победа, Сари реши да го уфрли во игра Дибала, но сите се изненадија кога наместо Игуаин, теренот го напушти токму португалскиот ас. Нервозен беше и самиот Роналдо, кој нешто му дофрли на тренерот, не подавајќи му ниту рака за поздрав додека се упатуваше кон клупата за резерви.

Сепак, на крајот се покажа дека стратегот на Јуве го повлекол вистинскиот потег, бидејќи Игуаин одлично се снајде во судиското продолжение, асистирајќи му на Даглас Коста при победничкиот погодок.

Се вчитува...