Рони О’Саливен ги поместува границите во снукерот

Легендарниот Рони О’ Саливен ја освои рекордната седма титула на отворено првенство на Обединетото Кралство и со тоа стана најтрофејниот играч во историјата на снукерот со 19 грен-слем титули. О’Саливен пехарот го одбрани во финалето во Јорк победувајќи го Марк Ален со 10-6 и му се реваншираше за јануарскиот пораз во четвртфиналето на Мастерсот. 43-годишниот Англичанец на вечната листа го надмина идолот од детството Стив Дејвис кој има шест титули од шампионатот на Обединетото Кралство.

О’Саливен сега има вкупно 19 титули од трите најважни турнири во снукерот и го остави зад себе Стивен Хендри со кого досега го делеа првото место со по 18 успеси.

„И на многу турнири претходно мислев дека сум го покажал најдоброто што можам, но сега дефинитивно сум сигурен дека ова е едно од моите најдобри достигнувања. Сите титули се одлични, но да се надмине Хендри е лудо. Сега сакам да направам разлика и да му ја отежнам задачата на следниот што ќе дојде на мое место. Можеби ќе бидам мртов кога некој ќе успее да ми се приближи“ – изјави Англичанецот.

„Ракетата“ првата титула на Отвореното првенство на Обединетото Кралство ја освои на 18 години пред четвртина век. Вкупно во кариерата има 34 титули кои се бодуваат за светската ранг – листа.

 

 

 

Се вчитува...