Ростов е без лек за Лејно, Вардар чекори кон финале (10-7)

Вардар чекори кон ново европско финале откако ракометарките на македонскиот првак во одлично прво полувреме имаат предност од 10-7 против екипата на Ростов. Амандин Лејно е главна фигура во првите 30 минути, откако Французинката со десет успешни интервенции овозможи Вардар да го контролира резултатот во текот на целото полувреме.

По првата акција и пеналот што го направи Цвијиќ, одбраната на Вардар во раната фаза од натпреварот делуваше одлично.  Ростов го почна мечот без Булатовиќ во стартниот тим, дополнително олеснувајќи ја задачата за македонскиот првак. Вардар имаше предност од 4-1 и напад при кој имаше погрешно додавање до Цвијиќ, пред Родригез да го прекине постот на Ростов од осум минути без постигнат гол во ова полуфинале. Лејно бранеше одлично, проблемите на рускиот тим во нападот беа очигледни, па тренерот на Ростов во 12. Минута побара тајмаут при водство на „вардарки“ од 4-2.

И во следните пет минути по тајмаутот рускиот состав не постигна гол крај извонредната Лејно, безидејноста стануваше се поочигледна, а Вардар знаеше како да го искористи тоа и поведе со 6-2. Булатовиќ со гол од седум метри ја прекина мини-серијата на „вардарки“, но Лекиќ постигна уште еден гол крај Песоа, разбеснувајќи ја поранешната голманка на Вардар свесна дека можеше и многу подобро да интервенира. Сара Ристовска во 21. минута го постигна својот прв гол за водство од 8-4, пред Булатовиќ да испрати проектил од девет метри, воедно и да изнуди исклучување од Чанаџија.

Ростов се обидуваше да влезе во ритам, но не можеше да најде лек за извонредната Лејно, која продолжи да ги излудува противничките ракометарки. Во финишот во ритам влезе Булатовиќ, па предноста од 9-5 се преполови на 9-7. Последните минути сепак минаа во знакот на македонскиот клуб, кој преку Радичевиќ стигна до 10-7, резултат со кој се замина на полувреме.

Покрај одличната Лејно, расположена за игра е и Лекиќ со три гола, Лакрабер реализираше два пенали, а исто толку погодоци постигна и Радичевиќ.

Јасно е, одбраната го трасира патот до финалето, потребно е само да се продолжи во ист ритам до крајот на овој меч.

Се вчитува...