Русија тргна моќно – „петарда“ за Саудиска Арабија

Русија фуриозно го стартуваше настапот на СП 2018, триумфирајќи со убедливи 5-0 на мундијалското отворање против Саудиска Арабија. Избраниците на селекторот Черчесов рутински ја оправдаа фаворитската улога, доминираа од почеток до крај, не дозволувајќи му на противникот да создаде ниту една единствена стопроцентна шанса. Сепак, домаќините се соочија и со сериозен проблем откако во првото полувреме повреда на мускулот заработи нивниот одличен плејмејкер Џагоев, кој по се изгледа нема да може да настапува до крајот на овој шампионат.

На првиот гол се чекаше неполни 12 минути, откако по еден одлиен центаршут на Головин на вистинското место се најде Газински, кој со прецизен удар со глава го матираше противничкиот голман. Русите ја контролираа средината од теренот и трпеливо чекаа грешка на противникот, а по неколкуте неискористени полушанси постигнаа и втор гол, пред самиот крај на полувремето. Зобнин овојпат ја имаше улогата на асистент, а Черишев, кој влезе во игра на местото на повредениот Џагоев, со силен удар под гредата донесе нова еуфорија меѓу домашните фанови на „Лужники“ во Москва.

Прашањето на победникот беше решено, „зелените“ не најдоа против-игра ниту во второто полувреме, во кое Русија постигна и трет гол. Џјуба влезе во игра во нападот на местото на индиспонираниот Смолов, а неколку минути подоцна асот на Зенит зголеми на 3-0, повторно на центаршут на Головин. Во самиот финиш темпото опадна, но Русите во судиското продолжение постигнаа уште два гола. Најпрвин Черишев со еврогол зголеми на 4-0, пред Головин по двете асистенции да ја круниса својата одлична партија со прекрасен погодок од слободен удар, за конечни 5-0.

Во вториот натпревар од групата А утре со почеток во 14 часот ќе се сретнат Уругвај и Египет.

Се вчитува...